Обвинителство

Истрагата за случајот „Бонусите во СЈО“ продолжува

04.12.2024 16:37

Нема да згасне случајот со бонусите на поранешното СЈО. Овој предмет кој неколку месеци беше причина за „војна“ меѓу државниот и вишиот скопски обвинител ќе продолжи во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција...

Случајот со бонусите во СЈО нема да замре. Вишиот обвинител Јован Цветановски одлучи истрагата да продолжи. Тој го вратил предметот во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и им дал насоки како да постапат. Во изјава за МТВ вели дека пониското обвинителство кога ја отфрлило кривичната пријава не ги зело предвид доказите и ревизорскиот извештај.

За „Бонусите во СЈО“ се скараа државниот и вишиот обвинител. Шефот на вишото – Хајрулахи и неговиот заменик Цветановски своевремено јавно кажаа, дека Коцевски им вршел притисок каква одлука да донесат. Се сомневаат дека дисциплинските постапки против нив за нестручно работење се резултат на тоа што не го послушале.

Коцевски најави реорганизација на обвинителствата. Приоритет во постапувањето ќе имаат случаите на високопрофилираниот криминал и корупција. Овој потег на државниот обвинител следува откако премиерот повеќе пати го искритикува за неажурност.

Републичките обвинители почнаа контроли и во обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Целта е да се прочешлаат предметите и да се види дали имало незаконито откажување од кривичен прогон или отфрлање на пријави.

 

Анита Димитријевска – Велковска