Трагедија во Скопје

Детето кое падна од зграда во Кисела Вода е во стабилна состојба, но со тешки повреди

04.12.2024 15:42

69- годишна жена и деветгодишно дете синоќа паднаа од зграда во скопска Кисела Вода. Жената почина на самото место, малолетникот со повеќе повреди е хоспитализиран...

Од шестиот кат на зграда во Кисела Вода вчера попладне паднале 69-годишната Д.С. и деветгодишен малолетник.

Жената починала на местото на настанот, детето е хоспитализирано на интензивната нега на Детска хирургија и е во стабилна состојба, но со тешки повреди – велат од клиниката.

Соседите во зградата, вознемирени од немилиот настан, велат прво паднал внукот, по него бабата.

Случајот е пријавен во СВР Скопје и полициските службеници откако излегле на местото на настанот, констатирале дека жената починала, а детето било однесено на ургентен центар.

Увидот е во тек, сè уште не се откриваат причините за несреќата. Се преземаат мерки за расветлување на случајот.

Александра Велинова