Поголема едукација за препознавање и пријавување на онлајн насилство
Повеќе од 60% од жените во земјава најмалку еднаш се соочиле со онлајн насилство, додека 1 од 10 жени е жртва на злоупотреби на интернет секој ден. Најпогодени се тинејџерките и младите жени. Потребна е поголема едукација и зголемување на свеста за препознавање и пријавување на ваквиот вид насилства…

Повеќе од 60 проценти од жените во земјава најмалку еднаш се соочиле со онлајн насилство, додека една од десет жени секојдневно е жртва на злоупотреби на интернет – загрижувачки податоци доаѓаат од истражувањата на УНДП. Насилството најчесто не се пријавува, а реакциите на институциите се бавни.
„Од овие 61 процент кои се соочуваат со родово базирано насилство на интернет, 79 проценти воопшто не го ни пријавуваат насилството. Тоа се должи на празнините во законодавството и на недостигот на координација меѓу агенциите кои постапуваат во вакви случаи“, вели Ана Чернишова, претставник на УНДП во Македонија.
„Координацијата во Министерството за внатрешни работи и со Јавното обвинителство, која е прилично бавна за овие случаи за родово базирано насилство, каде е потребна итна реакција на институциите“, изјави Неда Чаловска Димовска, консултант за родови прашања при УНДП.
Најпогодени се тинејџерките и младите жени. Потребна е поголема едукација за препознавање и пријавување на ваквиот вид насилства, како и поригорозни законски решенија.
„Креирање на посебни закони, механизми за заштита на жртвите. Само така ќе можеме сите да создаваме дигитален простор во кое нема простор за насилство и дискриминација“, вели Муамет Реџепи, помошник министер за внатрешни работи.
Апел до медиумите, внимателно да се известува за вакви осетливи теми.
„При известувањето да не се употребува говор на омраза, да не се известува стереотипно, да се вложат максимални напори да се избегне секундарната виктимизација на ваквото насилство и слично“, вели Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми.
Сексуалното вознемирување, следењето на интернет и јавното споделување интимни содржини без дозвола, се најчестите форми на родово-базирано насилство.
Андријана Ѓурческа
