Утре бојкот на наставата во ООУ „Лазо Ангеловски“ во Аеродром
Почнува бојкот на наставата во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Аеродром, одлучил Советот на родители на вонредна седница. Ученик со лошо поведение причина за одлуката на родителите. Министерството нема ингеренции за случајот...

Почнува бојкот на наставата во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Аеродром, одлучил Советот на родители на вонредна седница. Не прифаќаат ученикот со спорно поведение пак да седне во училишните клупи со нивните деца. Учениците од 1 до 9 одделение ќе останат дома за да им дадат можност на надлежните да изнајдат решение од кое ќе бидеме сите задоволни, велат од советот на родители. Училишниот одбор на ниедно училиште нема право да носи одлуки за бојкот на наставата, рече министерката Јаневска во Тема на ден на МТВ. Државата и системот треба да имаат решение на вакви проблеми.
Одлуката за бојкот засега е само за еден ден, како ќе се одвиваат работите и како ќе се носат нови одлуки родителите ќе бидат информирани од одделенските претставници. Родителите бараат институционално решение на овој проблем којшто трае подолго време. Според нив поради однесувањето на ова дете, десетина ученици се отпишале од одделението.
Сите ученици во скопското основно училиште „11 Октомври“ ќе почнат со редовна настава. Родителите завршија со бојкотот откако беше донесена одлука дека кај нив нема да се запише ученикот од Аеродром.
Наташа Јанчиќ-Менковски
