Европа

Соборена владата на Барние, Франција во нова криза

05.12.2024 08:19

Франција во нова политичка криза откако пратениците на опозицијата ги здружија силите и го казнија тримесечното владеење на премиерот Мишел Барние со гласање недоверба. Потегот следи откако тој реши да ги искористи специјалните уставни овластувања и да го протурка буџетот во парламентот без гласање...

Падна владата во Франција. Земјата во нова политичка криза откако пратениците на опозицијата ги здружија силите и го казнија тримесечното владеење на премиерот Мишел Барние со гласање недоверба. Потегот следи откако тој реши да ги искористи специјалните уставни овластувања и да го протурка буџетот во парламентот без гласање.

„Потребното мнозинство за усвојување недоверба е 288 гласови. „За“ гласаа 331. По постигнатото потребно мнозинство, предлог е усвоен. Согласно член 50 од Уставот, премиерот мора да поднесе оставка на Владата до претседателот на Републиката“, изјави Јаел Браун-Пиве, претседател на француското Национално собрание.

Во услови кога не можат да се распишат нови парламентарни избори пред јули 2025 година, а националното собрание е длабоко поделено, опциите за избор на нов премиер се доста стеснети. Претседателот Макрон кој вечер треба да ѝ се обрати на јавноста, ја отфрли можноста да поднесе оставка.

„Не повикувам Макрон да поднесе оставка, но ќе дојде време кога, ако не тргнеме по патот со почит кон гласачите и политичките сили и почитување на изборите, тогаш очигледно притисокот врз претседателот ќе стане поинтензивен и тој самиот ќе ја има одлуката“, изјави Марин Ле Пен, лидер на Националниот собир.

Досега Барние е со најкраток мандат како премиер на француска влада.