Концерт „Моја бесмртна љубов“ со Моника Лесковар и Лубнан Балбаки во Филхармонија
На програмата се симфониската поема „Апотеоза“ од македонскиот композитор Михајло Николовски, Концерт за виолончело и оркестар во ха-мол од Антонин Дворжак и Симфонијата бр.3 од Лудвиг ван Бетовен...

Денеска со почеток во 20 часот, ќе се одржи концертот насловен „Моја бесмртна љубов“ на кој како солистка ќе настапи виолончелистката Моника Лесковар од Хрватска, а диригент е Лубнан Балбаки од Либан.
На програмата се симфониската поема „Апотеоза“ од македонскиот композитор Михајло Николовски, Концерт за виолончело и оркестар во ха-мол од Антонин Дворжак и Симфонијата бр.3 од Лудвиг ван Бетовен.
Лубнан Балбаки е роден во 1981 година во Бејрут и е најмладиот редовен диригент во Либанскиот филхармониски оркестар. Во 2016 година е награден од страна на либанското Министерство за култура, за неговиот исклучителен придонес кон уметничката и културната сцена во Либан.
Хрватската виолончелистка Моника Лесковар (Кројцтал, Германија, 1981) почнала да свири виолончело на шестгодишна возраст во класата на Добрила Берковиќ Магдалениќ, во Загреб. На 13 години го привлекла вниманието на јавноста кога ја освоила првата награда на Меѓународниот натпревар „Чајковски“ во Сендаи, Јапонија.
Свири на виолончело изработено од италијанскиот мајстор Мантегаце од 1765 година, дадено на заем од Академијата „Кронберг“. Свири и на виолончело од неаполскиот мајстор Винченцо Постиљоне од 1884 година, кое ѝ било доверено на користење од Градот Загреб и Загрепската филхармонија.