Европа

Франција во нова политичка криза по падот на владата

05.12.2024 09:38

Падна француската влада. Претседателот Макрон ќе се обрати на нацијата. Според аналитичарите, француските политички превирања дополнително ќе ја ослабат Европската унија, веќе потресена од падот на владејачката коалиција во Германија…

Падна владата во Франција. Земјата во нова политичка криза откако пратениците на опозицијата ги здружија силите и го казнија тримесечното владеење на премиерот Мишел Барние со гласање недоверба. Потегот следи откако тој реши да ги искористи специјалните уставни овластувања и да го протурка буџетот во парламентот без гласање.

„Потребното мнозинство за усвојување недоверба е 288 гласови. „За“ гласаа 331. По постигнатото потребно мнозинство, предлогот е усвоен. Согласно член 50 од Уставот, премиерот мора да поднесе оставка на Владата до претседателот на Републиката“, изјави Јаел Браун-Пиве, претседател на француското национално собрание.

Во услови кога не можат да се распишат нови парламентарни избори пред јули 2025 година, а националното собрание е длабоко поделено, опциите за избор на нов премиер се доста стеснети. Претседателот Макрон, кој вечер треба да ѝ се обрати на јавноста, ја отфрли можноста да поднесе оставка.

„Не повикувам Макрон да поднесе оставка, но ќе дојде време кога, ако не тргнеме по патот со почит кон гласачите и политичките сили и почитување на изборите, очигледно притисокот врз претседателот ќе стане поинтензивен и тој самиот ќе ја има одлуката“, рече Марин Ле Пен, лидер на Националниот собир.

Франција сега е соочена со сериозни политички предизвици кои би можеле да влијаат врз нејзината внатрешна стабилност и меѓународната позиција.

Барние се надеваше дека ќе го намали буџетскиот дефицит на земјата преку зголемување на даноците – потег на кој опозицијата силно се спротивстави. Во својот осврт пред гласањето, тој истакна дека која било наредна влада ќе се соочи со истите предизвици.

„60 милијарди камата, тоа е она што ќе треба да го плаќаме секоја година, а веројатно ќе биде уште поголема утре, ако не преземеме нешто. Оваа реалност останува и нема да исчезне. Запомнете-по некое време, ова реалност ќе ја сноси која било влада, каква и да е таа“, нагласи Мишел Барние, премиер на Франција.

Ова е првпат од 1962 година француската влада да падне поради гласање недоверба, а Барние да се запише во историјата како премиер со најкраток мандат од формирањето на петтата француска република во 58-та.

Бојана Крстевски