Мицкоски не гледа причина за лидерска средба
Прашањето не го затворам, но продуктивно би било да се разговара за идните чекори на државата и како опозицијата би помогнала, вели премиерот Мицкоски, одговарајќи на СДСМ, која инсистира на лидерска средба со сите парламентарни партии...

Не гледам причина да се направи лидерска средба за настаните од пред една седмица кога МВР добро си ја заврши работата. Прашањето не го затворам, но продуктивно би било да се разговара за идните чекори на државата и како опозицијата би помогнала, вели премиерот Мицкоски, одговарајќи на СДСМ, која инсистира на лидерска средба со сите парламентарни партии. Новина е тоа што социјалдемократите како опозиција, нема да ги поддржат интерпелациите на министрите кои ги поднесе Европскиот фронт.
„Во однос на поднесените интерпелации од политичката партија ДУИ, Извршниот одбор заклучи дека нема да ги поддржи и гласа за овие интерпелации. Тие не претставуваат решение за кризата во овој момент и може да значат нови поделби по етничка основа“, велат од СДСМ.
Мицкоски дециден кој е субјектот кој генерира кризи во државата.
„Имаме екстреми во општеството кои се стремат да ја вовлечат државата назад во политичкото мочуриште. Драго ми е што дел од политичките партии и покрај тоа што се во опозиција се свесни за ова и дека нема заеднички да дозволиме овие екстреми да нè вовлечат во тоа политичко мочуриште. Мислам дека граѓаните полека ги изолираат сите оние коишто се за несигурност, нестабилност, конфликти. Мора да бидат отфрлени и изолирани. Во таа улога е денеска ДУИ, којашто некогаш се претставуваше за прозелена партија, а денеска гледаме дека е главен генератор на нестабилност, несигурност и конфликти и се обидува да генерира конфликти во Македонија“, изјави Мицкоски.
По посетата на Брисел шефот на македонската влада истакнува дека со челниците на Европската унија разговарал отворено и дека не добил антитеза на нашата, дека проблемите и барањата нема да завршат со внесување на 100-тина Бугари во Уставот. Останува да ги решаваме проблемите дома и да постигнуваме резултати, вели Мицкоски.
Сепак сум оптимист и ќе продолжиме да се бориме. Нема да оставиме ниту милиметар да изгубат македонските граѓани без разлика на етничката припадност, бидејќи заслужуваат загарантирана иднина, нагласува Мицкоски.
Миле А. Ристески
