Грузија

Седма ноќ по ред протести во Тбилиси, Холандија бара ЕУ да воведе визи за Грузијците

05.12.2024 14:55

Седма ноќ по ред, илјадници луѓе протестираа во главниот град на Грузија, Тбилиси. Стотици уапсени лица. Холандскиот министер за надворешни работи бара ЕУ да воведе визи за Грузијците и јасно да и каже на грузиската Влада дека патот што го избра има своја цена...

Не запираат антивладините протести во Грузија против замрзнувањето на преговорите за членство во ЕУ. По стотици уапсени лица, на седмата ноќ од демонстрациите полицијата не ја растера толпата.

„Оваа руска влада се обидува да биде дел од СССР. Ние, не сакаме да се вратиме во СССР, ние сме Европа“, рече демонстрантка.

„Сакаме да бидеме со Европа, како Украина и секоја друга мала земја околу Русија. Имаме голема шанса да го направиме тоа слободно без војна, без никакви големи проблеми“, вели демонстрант.

Опозицијата вели дека ќе продолжи да се бори за слободата и против бруталното насилство, откако беа извршени рации во неколку невладини организации и канцеларии на опозицијата, а беше приведен и лидерот на партијата „Коалиција за промени“.

„Како во рускиот режим, како во Белорусија, тие се обидуваат да ги уапсат луѓето. Санкциите против лидерите на партијата „Грузиски сон“ се единствениот начин целосно да се ослабне партијата. Меѓународните институции, САД и ЕУ треба да направат нешто, не само на зборови, туку и да дејствуваат“, рече Ѓорѓи Бутикашвили, член на партијата „Ахали“.

Холандскиот министер за надворешни работи бара ЕУ да воведе визи за Грузијците и јасно да и каже на грузиската Влада дека патот што го избра има своја цена. И додека беснее војната во Украина, претседателот Зеленски најави санкции за грузиски функционери и ја обвини Владата во Тбилиси за притисок и туркање на земјата во јасна зависност од Русија. Москва тврди дека сè што се случува во земјата е внатрешно прашање и Русија не планира да се меша процесите

„Кога Москва ги фали властите во Грузија, тоа јасно покажува за кого работат во Тбилиси и за кого ги растураат протестите. Дефинитивно не за Грузија. Разгледуваме правен одговор и работиме со европските и другите партнери на конкретни дејствија. Им дадов инструкции да се подготват соодветни санкции“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Европскиот совет претходно го суспендираше процесот на интеграција на Грузија поради активностите на партијата „Грузискиот сон“, особено усвојувањето на законите за странски агенти и ограничувањата на правата на ЛГБТ-заедницата. ЕУ не ги призна резултатите од парламентарните избори на 26-ти октомври.

Маријана Димовска