Од 15-ти декември ќе стартува новогодишната кошничка
Празниците се ближат– објавена е новогодишната кошничка. Над 650 производи за побогата празнична трпеза, на листата има леб, месо, млеко и млечни производи, пијалаци ...

Над 650 производи вклучени во новогодишната кошничка. Новите, пониски цени ќе важат од 15-ти декември до 15-ти јануари. На листата има леб, месо, млеко и млечни производи, пијалаци – производи кои се најбарани за празниците. Треба да поевтинат за 10 насто и повеќе, велат од Владата. Премиерот Мицкоски уверува дека инспекторите ќе бидат на терен. Повика трговците да постапуваат етички, во спротивно има механизми да се спречи изигрување на мерката.
Граѓаните скептични, велат, во меѓувреме цените на основните производи се доста покачени.
Досега 60 компании понудиле производи со пониски цени, но списокот ќе се прошири, најави министерот Дурмиши. Производите со намалени цени ќе бидат брендирани со ознака – „Помалку трошоци, повеќе за тебе“.
За граѓаните подобро да се запознаат со производите на листата, изработена е и интернет-страница.
Воведувањето потрошувачки кошнички за најголемите празници има за цел да ги стабилизира цените на основните прехранбени производи и да го подобри стандардот на граѓаните.
Претходно, беше донесена есенска потрошувачка кошничка, која траеше до 31 октомври, а беа опфатени околу 70 производи за кои беа ограничени профитните маржи.
Сунчица Николоска
