Интердисциплинарна комисија ќе го решава случајот со ученикот од „Лазо Ангеловски“
Формирана е интердисциплинарна комисија во врска со случајот со третоодделенецот од основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје, кој требаше да биде префрлен во „11 Октомври“. Комисијата ќе треба да го разгледа случајот и да донесе мерки коишто ќе бидат во интерес и на ученикот и на сите инволвирани страни…

Родителите не ги пуштија децата на настава како бојкот заради одлуката во училиштето да остане проблематичниот третоодделенец. Голем дел од учениците во одделението каде е запишан овој ученик, веќе ги отпишале своите деца. Советот на родители смета дека родителите на проблематичниот ученик не сакаат да соработуваат со службите за заемно решение.
Првично родителите на третоодделенецот со проблематично однесување го отпишале од „Лазо Ангеловски“ и сакале да го запишат во училиштето „11 Октомври“, но таму по протестите на родителите, директорката одби да го прими овој ученик. Решение бараа во МОН на средба со претставници на Општина Аеродром.
„Формирана е интердисциплинарна комисија составена од претставници на Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Општината Аеродром, училиштето и социјалните служби, која се состанува за разгледување и преземање соодветно мерки и активности согласно законските регулативи, во чиј фокус се најдобрите интереси на ученикот, но и на сите инволвирани“, велат од МОН.
Родителите на учениците во „Лазо Ангеловски“ нема да ги пуштат своите деца на настава доколку во училиштето остане овој проблематичен ученик.
Ирина Гелевска
