Автобусите на ЈСП ги трошат последните литри нафта, неизвесно е дали ќе продолжат да возат
Градскиот превоз во главниот град останува прашање со многу непознати. И на дождлив ден се чека долго за да стигне автобусот, во кој ако имате среќа да застане, треба да сте среќлии и да можете да влезете. Но, драматичноста на ситуацијата се продлабочува бидејќи сè уште е неизвесно што се случило со тендерот за набавка на нафта на ЈСП и дали воопшто автобусите ќе имаат можност да возат...

Автобусите на ЈСП возат со последните капки нафта од владините резерви. Неизвесно е дали со тендерот ќе се реши проблемот, со оглед дека е блокирана и сметката на јавното претпријатие.
На сајтот на ЈСП, последниот тендер за јавни набавки е од мај минатата година. Премиерот Мицкоски вели, Владата ќе мора да му помогне на ЈСП.
„Треба да се поведе многу повеќе сметка на децентрализација, ако некој не може тоа да го прави тогаш да интервенираме законски, да ги преземеме ингеренциите за да ја стабилизираме работата“, истакна премиерот Мицкоски.
За да се стави крај на ваквата состојба се подготвува нов закон за локална самоуправа, градоначалниците да се отповикуваат на референдум.
„Граѓаните треба по пат на референдум да отповикаат градоначалник. Ова е процес од којшто сме засегнати како градоначалници, но сите едногласно го поддржуваат. Имало многу примери во минатото кога се чекало четири години за некому да му помине мандатот“, вели Орце Георгиевски, претседател на ЗЕЛС.
Граѓаните на постојки со надеж чекаат да го видат бројот на долго чеканиот автобус.
Граѓаните секој ден се соочуваат со предизвик да стигнат до саканата дестинација.
Наташа Јанчиќ – Менковски
