Форум на ЗЕЛС

Семејното насилство во постојан пораст, над 500 случаи за половина година

05.12.2024 16:52

За шест месеци повеќе од петстотини пријави за семејно насилство. Во просек, околу 100 случаи месечно се регистрираат во полицијата. Два од нив завршиле со убиство. ЗЕЛС на состанок – како општините да им помогнат на жртвите…

За шест месеци годинава полицијата регистрирала 528 кривични дела поврзани со семејно насилство. Два случаи завршиле со убиство, а најголем дел пријавите се поради физичко насилство. Семејното насилство во земјава бележи пораст, голем дел од жртвите не се охрабруваат да пријават. Во земјава има 13 шелтер центри за згрижување на жртвите во пелагонискиот, вардарскиот, југоисточниот, источниот, скопскиот, полошкиот и југозападниот регион – повеќето се нефункционални.

Во Шелтер центарот со кој раководи Нена Смилевска има згрижено три жени со четири деца. Вели, тука жртвите добиваат сигурност и психосоцијална поддршка.

„Кога жената ќе ја добие психосоцијалната поддршка, кога ќе добие самодоверба и кога ќе сака повторно сама да се обиде да оди во животот, тоа ни е најважно. Освен условите кои ги има за бесплатна храна, обувки, медикаменти, акцент ставаме на психосоцијалната поддршка“, вели Нена Смилевска од Шелтер центарот.

Законски измени за децентрализација на социјалните услуги бараат од ЗЕЛС, за да можат општините да основаат установа за социјална заштита.

„Имаме многу надлежности кои ни се префрлени, но за истите немаме средства како локална самоуправа, а ќе се согласиме сите дека првата врата на која се обраќаат жртвите на семејно насилство е токму локалната самоуправа, и така е најлогично“, рече Орце Ѓоргиевски, претседател на ЗЕЛС.

„Крајната цел е да понудиме услуга што ќе биде квалитетна, а не како досега да постои на хартија. Услугата да биде квалитетна и да биде од корист на тие на кои им е најпотребна“, изјави Ѓоко Велковски, заменик министер за труд и социјална политика.

Земјава нема регистар на жртви од родово базирано насилство, иако тоа е предвидено со Истанбулската конвенција.

Само два проценти од жртвите на семејно насилство се охрабруваат да го пријават сторителот, покажуваат податоците на ОБСЕ. Жените ги пријавуваат само најсериозните инциденти затоа што немаат целосна заштита откако ќе го напуштат насилникот.

 

Андријана Ѓурческа