Регионалната депонија во Новаци ќе профункционира во 2027 година
На почетокот на наредната година ќе бидат објавени тендерите за изградба на регионалната депонија во новаци и претоварните станици во општините од југозападниот и пелагонискиот регион. Тоа е добрата вест, а онаа лошата е дека со обезбедените средства ќе може да се затвори само старата депонија во Мегленци. За да се затворат останатите ќе треба да се изнајдат дополнителни средства, а дотогаш тие ќе загадуваат...

До крајот на 2027 година ќе профункционира регионалната депонија во Новаци и 4 претоварни станици каде што ќе се одлага отпад од Југозападниот и Пелагонискиот плански регион. За да се забрза тој процес општините треба што поскоро да формираат меѓуопштинско јавно претпријатие и да ги зајакнат капацитетите на локалните комунални претпријатија.
„Овие две години се работеше на подготовка на планската и тендерската документација. Тендерите се при крај за набавките и за надзорот се подготвува. Во моментов работиме на проектниот дизајн за изградба на регионалната депонија и претоварните станици и очекуваме во првата половина од наредната година и тој тендер да биде објавен“, вели Ана Каранфилова Мазневска, раководител на сектор за управување со отпад при Министерство за животна средина.
Загрижува информацијата дека обезбедените 34 милиони евра од Европската банка за обнова и развој нема да бидат доволни за затворање на сите нестандардни депонии. Ќе се затвори само локацијата во Мегленци, а за останатите ќе треба да се обезбедат дополнителни средства, поради што тие и во наредните години ќе загадуваат.
„Депонискиот гас којшто неконтролирано гори ослободува голем број на загадувачки материи и гасови. Пред сè тука се, најкарактеристични се диоксините и фураните коишто се канцерогени соединенија коишто се мешаат со другите загадувачки материи во воздухот којшто преку зима е потежок“, изјави Ѓоко Зороски-Групација „Збогум Буково“.
Причина за големото загадување во земјава е тоа што отпадот што се рециклира е сведен на статистичка грешка, велат експертите“.
„Следниот чекор ќе биде намалување на создадениот отпад, меѓутоа за тоа ќе требаат сериозни напори и добра комуникација помеѓу министерствата, локалната самоуправа и производителите“, вели Емил Ангелов, проектен координатор на САЛАР Интернационал.
Ние депонираме 99 проценти од отпадот којшто го собираме. За споредба во Словенија тој процент е под 10, а во Шведска под еден процент.
Сашо Нелоски
