Во паднатиот авион на „Ер Алжир“ имало 51 француски државјани

24.07.2014 19:49

Формиран е кризен штаб, а францускиот претседател Оланд го повика на консултации највисокиот државен врв и го одложил патувањето на неколку часа...

Според последните информации авионот „Мекдонел Даглас 83“ на  националниот превозник Ер Алжир, кој изутрината се изгуби од радарот  со 110 патници и шест членови на екипажот, најверојатно се урнал на седумдесет километри од градот Гао во Мали, јавува Си Ене Ен.

Според информациите леталото се урнало во област каде се активни бунтовниците, но според висок француски функционер тие не располагаат со висока технологија и не се во можност да урнат авион. Властите во Париз потврдија дека во авионот имало 51 француски државјани. Формиран е кризен штаб, а францускиот претседател Оланд го повика на консултации највисокиот државен врв и го одложил патувањето на неколку часа.

„Располагаме со мал број информации кои се потврдени. Она што го знаеме е дека авионот исчезнал во Мали“, изјави францускиот министер за транспорт, Федерик Кувие.

Алжирската управа соопшти дека леталото се изгубило од радарот 50 минути по полетувањето кога било над Мали.

„Го пребаруваме теренот, во контакт сме со сите засегнати страни. Кога ќе добиеме повеќе информации ќе ве информираме. Во авионот има патници од повеќе националности вклучувајќи и алжирци“, изјави Абделмалек Селал, премиер на Алжир.

Асошиетед прес, повикувајќи се на извор од авиокомпанијата, пренесува дека авионот не бил далеку од алжирскиот воздушен простор, кога пилотот побарал смена на курсот поради слаба видливост и голема бура за да избегне судир со друг авион, веднаш потоа изгубил контакт со контролата на летање.

Ова е втора авионска несреќа во последниве  24 часа, а трета  во последнава недела. Во вчерашната несреќа на тајванскиот авион 48 патници го загубија животот, а десетмина беа повредени.