Напредуваат преговорите за прекин на огнот во Газа
Преговорите за прекин на огнот во Газа напредуваат, потврдија од Хамас и очекуваат промените во САД и изборот на новиот претседател да влијаат позитивно на ситуацијата. Од актуелната администрација во Вашингтон велат дека не се согласуваат со ставот на „Амнести интернешнл“ дека Израел спроведува геноцид во Палестинската енклава. Кревкото примирје со Хезболах во Либан под прашање. Израелската одбрана објави дека извршиле напади на сириско-либанските премини.

Меѓународните посредници ги продолжија преговорите со Израел и Хамас за ставање крај на 14-месечната војна. Од Тел Авив велат дека се прават напори за ослободување заложниците што ги држи Хамас во Газа. И специјалниот претставник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток веќе почнал да преговара за мир во Газа, потврдија катарските власти.
„Се надеваме дека промените, особено во САД по изборот на претседателот Трамп, кој за време на изборната кампања гласно изјави дека ќе ги прекине сите војни, позитивно ќе влијае на ситуацијата и што е можно поскоро ќе можеме да постигнеме прекин на огнот во Газа. Сигурен сум дека Хамас е подготвен да преговара за спроведувањето на овој договор, бидејќи на терен има многу тешкотии и предизвици“, изјави Басем Наим, функционер на Хамас.
„Израел е сериозен за постигнување договор за заложниците и се надевам дека ќе го направиме тоа што е можно поскоро“, рече Гидеон Сар, министер за надворешни работи на Израел.
Антисемитизмот во светот е во пораст по почетокот на војната во Газа. Австралија извести за подметнат пожар во синагога во предградие на Мелбурн, додека внатре имало верници, едно лице е повредено.
„Да се нападне место за богослужба е напад на австралиските вредности, да се нападне синагога е чин на антисемитизам“, рече Ентони Албанес, премиер на Австралија.
Од Вашингтон изјавија дека не се согласуваат со ставот на „Амнести Интернешнл“ дека Израел спроведува геноцид во Палестинската енклава.
„Ние кажавме и претходно и дека наводите за геноцид се неосновани. Што се однесува на хуманитарната ситуација во Газа, тоа не ја менува континуираната загриженост што ја имаме и влијанието на конфликтот врз цивилите“, изјави Ведант Пател, заменик портпарол на Стејт департментот.
Израелската одбрана објави дека извршиле напади на сириско-либанските премини, за кои тврдат дека се користат за пренос на оружје за Хезболах. Нападите доаѓаат нешто повеќе од една недела по кревкото примирје во Либан. Шефот на Хезболах го обвини Израел дека извршил над 60 прекршувања на прекинот на огнот. Групата вели дека ќе застанат покрај Сирија за да запре агресијата, но не прецизираа дали ќе испратат борци за да ги здружат силите со сириската армија. Сириската бунтовничка коалиција, која неделава одзеде уште еден голем град од владина контрола тврди дека крајната цел е да го собори претседателот Башар ал-Асад.
Маријана Димовска
