Муцунски: Фокус на реални реформи, за да бидеме една од земјите која најбрзо ќе се движи кон членство во ЕУ
Во однос на можноста за изнаоѓање решение за продолжување на евроинтеграцискиот пат, министерот Муцунски истакнува дека Европската унија не може да си дозволи дополнително одолговлекување на проширувањето со Западен Балкан.

Доколку навистина се насочиме кон европските реформи, проактивно и со конкретни мерки, ќе биде тешко за која било земја на подолг рок да нè блокира, вели шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, во интервју за „360 Степени“.
При претставувањето на позицијата за „одложена примена на уставните измени“ не ветивме дека преку ноќ ќе се изнајде решение, но велиме дека имаме принципиелна позиција и тоа го аргументираме пред меѓународната заедница, земјите-членки и европските институции. Со овој пристап го штитиме националниот интерес, односно да не бидеме во ситуација, како што сме биле во минатото, со неочекувано вето, а воедно го штитиме и среднорочниот и долгорочниот кредибилитет на Европската унија, нагласува Муцунски.
Многу од соговорниците од Европската Унија сметаат дека нашиот пристап е логичен, коректен и соодветен, но тоа е пристап што бара прифаќање од Бугарија како наш сосед, додава Муцунски, нагласувајќи дека Европската унија е базирана на култура на компромиси.
Во однос на можноста за изнаоѓање решение за продолжување на евроинтеграцискиот пат, министерот Муцунски истакнува дека Европската унија не може да си дозволи дополнително одолговлекување на проширувањето со Западен Балкан.
Гледано од геостратешки аспект, Европа не може да си дозволи политичко-безбедносен вакуум во нашиот регион. Ние сме земја која е целосно усогласена со заедничката безбедносна политика на ЕУ и која усвои реформска агенда. Ќе продолжиме со реформите во сите области, следејќи ги препораките на Европската Унија, вели Муцунски.
