Низ дипломатските кулоари најави за решавање на украинската криза
Се забревтува меѓународната политичката комуникација поради се погласните најави за решавање на украинската криза. Истовремено, страните и можните посредници се позиционираат пред мировните преговори. Зеленски од Западот бара ефективни безбедносни гаранции, Лавров порача дека Москва ќе ги употреби сите средства за да не дозволи пораз, поранешниот шеф на НАТО Расмусен го предупреди Трамп да не дозволува Украина да не стане нов Авганистан. Војната влијае и на претстојниот втор круг на претседателските избори во Романија.

Трамп, Путин и Зеленски преку непосредните мировни преговори треба да донесат мир во Украина, се најавува неофицијално во дипломатските кулоари. Дали тоа значи дека ќе бидат прифатени руските услови за преотстапување на четирите анектирани региони, вклучувајќи го и полуостровот Крим, или Трамп ќе ја засили воената поддршка на Киев доколку Кремљ не се согласи со американските услови, останува да се види. Украина не може да биде членка на Северноатлантската алијанса, условува Путин. Поранешниот генерален секретар Расмусен решението го гледа во итното членство на Украина во НАТО.
„Договор што ќе ја гарантира безбедноста на Украина во иднина. Цврстата безбедносна гаранција би била дозвола за Украина за членство во НАТО и така што ќе биде обезбедена со членот пет на Алијансата“, изјави Андерс фон Расмусен, поранешен генерален секретар на НАТО.
Црвена телефонска линија меѓу Вашингтон и Киев за подобри позиции на Украина, разговорот меѓу советниците за безбедност, Саливан и Јермак. Воената поддршка во новиот геополитички предводник на Белата куќа, не се доволни за Зеленски. Подготвени сме за употреба на сите средства во Украина, предупредува Лавров.
„Ни требаат ефикасни безбедносни гаранции. Тоа е вистински сојуз, алијанса и вистинска безбедносна основа за целата земја. И оружје што вам ви овозможува да се браните и да го одвратите непријателот. И единство, кое на Западот му помага да преживее во најтешките моменти“, изјави Володимир Зеленски-претседател на Украина.
„Нашата порака за САД и за сојузниците, за оние кои обезбедуваат проектили со долг дострел за режимот во Киев, е дека сме подготвени за употреба на сите средства да не успеат во она што го нарекуваат-стратешки пораз на Русија“, изјави Сергеј Лавров-министер за надворешни работи на Русија.
Русија не посакува војна со Америка, ниту нуклеарна, оценува Лавров. Но, и непосредното соседство на Украина е погодено од хибридната војна, порача кандидатката за шеф на романската држава Ласкони во пресрет на вториот изборен круг в недела. Стравот од руската манипулација со човечките мозоци, дел од кампањата на Ласкони, која потсети на неодамнешната состојба во Молдавија при изборот на претседателката Маја Санду.
Зоран Богатинов
