БЛИСКИ ИСТОК

Израел и Хамас блиску до договор за Газа

06.12.2024 16:19

Преговорите за прекин на огнот во Газа напредуваат, потврдија од Хамас и очекуваат промените во САД и изборот на новиот претседател да влијае позитивно на ситуацијата. Кревкото примирје со Хезболах во Либан, под прашање. Израелската одбрана објави дека извршиле напади на сириско-либанските премини. Сириските бунтовници освоија уште еден град, откако изминатата недела успеаја да го заземат Алепо и се закануваат офанзивата да ја продолжат кон Хомс…

Сирискиот министер за одбрана вели дека повлекувањето на владините сили од централниот град Хама е тактичка мерка и вети дека ќе ја врати контролата врз изгубените области. Сириската бунтовничка коалиција, која неделава одзеде уште еден голем град од владина контрола, тврди дека крајната цел е да го собори претседателот Башар ал-Асад.

„Потврдувам дека ова што се случи во Хама е привремена тактичка мерка. Нашите сили сè уште се во околината на градот и се целосно подготвени да ги извршуваат своите национални и уставни должности“, изјави Генерал Али Махмуд Абас, сириски министер за одбрана.

Израелската одбрана објави дека извршиле напади на сириско-либанските премини, за кои тврдат дека се користат за пренос на оружје за Хезболах. Во јужните предградија пронајдени и уништени неколку ракетни фрлачи насочени кон Израел. Нападите доаѓаат нешто повеќе од една недела по кревкото примирје во Либан. Шефот на Хезболах го обвини Израел дека извршил над 60 прекршувања на прекинот на огнот.

„Видовме многу израелски прекршувања. Сметаме дека либанската држава е одговорна за следење на договорот со Надзорниот комитет. Отпорот дава можност договорот да биде успешен“, истакна Наим Касем, генерален секретар на Хезболах.

Во меѓувреме, меѓународните посредници ги продолжија преговорите со Израел и Хамас за ставање крај на 14-месечната војна.

„Се надеваме дека промените, особено во САД по изборот на претседателот Трамп, кој за време на изборната кампања гласно изјави дека ќе ги прекине сите војни, позитивно ќе влијае на ситуацијата и што е можно поскоро ќе можеме да постигнеме прекин на огнот во Газа“, изјави Басем Наим, функционер на Хамас.

„Израел е сериозен за постигнување договор за заложниците и се надевам дека ќе го направиме тоа што е можно поскоро“, изјави Гидеон Сар, министер за надворешни работи на Израел.

Катарските власти претходно потврдија дека специјалниот претставник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, веќе почнал да преговара за мир во Газа.

 

Маријана Димовска