Енергетика

Формирана Комисија за следење на снабдувањето со електрична енергија

06.12.2024 13:57

На првиот состанок, Комисијата ги постави основите за нејзиното работење и го усвои планот за редовна анализа на состојбите на домашниот и регионалниот енергетски пазар...

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини формираше Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија, клучен механизам за мониторинг и брза реакција во услови на потенцијални кризни ситуации или нарушувања во енергетскиот систем.

На првиот состанок, Комисијата ги постави основите за нејзиното работење и го усвои планот за редовна анализа на состојбите на домашниот и регионалниот енергетски пазар. Формирањето на Комисијата е иницијатива на министерката за енергетика, Сања Божиновска, со цел унапредување на енергетската безбедност и навремено справување со итни ситуации, како хаварии или природни непогоди.

Овој орган ќе биде одговорен за координација помеѓу сите релевантни институции, енергетски компании и експерти; постојано следење на снабдувањето со електрична енергија; анализа на пазарните состојби и потенцијалните ризици; предложување конкретни мерки за спречување на кризни сценарија.

„Формирањето на оваа Комисија е пример за проактивност во енергетскиот сектор. Целта не е само реакција на криза, туку и градење систем кој превенира и обезбедува стабилност за граѓаните и економијата“, изјави министерката Божиновска.

Од Министерството нагласуваат дека комисијата ќе се состанува редовно за да ги анализира состојбите, а во услови на прогласена криза, состаноците ќе се одржуваат секојдневно. Покрај претставници од Министерството, во работата ќе бидат вклучени и надворешни експерти за обезбедување на сеопфатни и навремени решенија.

Министерството ќе ја информира јавноста за сите препораки и одлуки на Комисијата, како и за конкретните чекори кои ќе се преземат за унапредување на енергетската безбедност. Со оваа иницијатива, Македонија се позиционира како одговорен енергетски актер кој проактивно ги адресира предизвиците на современото енергетско опкружување, стои во соопштението.