Десетина деца се повредени изминативе неколку дена поради опасен „Тик-ток“ предизвик
Новиот „Тик-Ток“ предизвик – аларм за родителите и за училиштата. Десетина деца со повреди биле примени во болница изминативе неколку дена. Експертите велат институциите брзо да реагираат. Министерката Јаневска со апел – средношколците наместо на „Тик-Ток“ натпревари, да се насочат со натпревари во образованието и науката...

Единаесет деца се повредени во Скопје поради „Тик-ток“ предизвикот „Супермен“. Најмладиот има само 10 години.
Родители со апел да се ограничи пристапот до интернет содржини и времето поминато на социјални мрежи, но и да се вратат игрите што ќе ги натераат младите да излезат надвор, наместо да живеат во виртуелен свет.
Овие таканаречени предизвици ни покажуваат дека грижата за менталното здравје кај учениците не е на задоволително ниво. Психологот Мирјана Јовановска – Стојановска апелира да се работи на подигнување критичко размислување, емпатијата и другарството.
Според комуникологот Кордалов, особено е важно што медиумите алармираат за овие чувствителни теми, за да се актуализираат и на брз начин се дознае кој е ризикот и како да се превенира.
Министерката за образование и наука Јаневска ги повика учениците, наместо да имаат ток-ток предизвици, да се насочат кон натпреварување во образованието и науката.
Станува збор за предизвик во кој група деца со раце фрлаат едно дете во воздух и го оставаат да се удри од земја. Предизвикот го нарекуваат „Супермен“, но може да има и фатални последици.
Александра Спировска
