Македонија

Уставниот суд нема да коментира ничии ставови во пресрет на седницата за Законот за употреба на јазиците

06.12.2024 16:08

Уставниот суд не ги коментира политичките изјави и реакции што доаѓаат во пресрет на седницата на која ќе се разгледува уставноста на Законот за употреба на јазиците...

Уставниот суд не ги коментира политичките изјави и реакции што доаѓаат во пресрет на седницата закажана за во среда на која ќе се разгледува уставноста на Законот за употреба на јазиците. Овој став на Уставен доаѓа по соопштение на ДУИ, во кое предупредуваат дека секој обид за укинување на членови од тој Закон е „директен удар врз стабилноста и мирот во земјава.

„Доколку Уставниот суд одлучи да ги уништи постигнувањата на Охридскиот договор, последиците ќе бидат непоправливи, а ние не можеме да преземеме одговорност за тоа што може да се случи потоа“се вели во соопштението на партијата.

„Да почекаме да дојде 11 декември, да видиме како сето ова ќе се развива и еволуира“ – порача премиерот Христијан Мицкоски. Според него, се работи за уставни судии избрани од претходната власт. Уверува дека не постои опасност по безбедноста на државата.

„Вашата загриженост е на место, зашто судиите избрани од ДУИ и СДСМ сега се напаѓани од истата таа ДУИ, а кога станува збор за заштита на криминалците кои правеле криминал, тогаш истите овие обвинители и судии се во нивна одбрана. Малку чудно е ова ама ќе видиме, времето ќе покаже“, изјави Мицкоски.

Законот за употреба на јазиците е тема на дискусија, поради половичните и нецелосните решенија на политиките на ДУИ изминативе години – оценува заменик претседателот на Владата, Изет Меџити. Ова е чувствително прашање и треба разумно да се пристапи, порача вицепремиерот.

„Сега се соочуваат со одговорноста, и пред одговорноста им треба магла, им треба дестабилизација. Но, ако во државата некој нема право значи за ова прашање, тоа е ДУИ. Заради нивните половични, нецелосни решенија, дадоа можност некој денес да се занимава со ова прашање“вели Меџити.

Уставните судии Албанци најавија дека ќе ја бојкотираат седницата закажана за на 11-ти декември.

 

Марина Стојанова – Тонева