Мицкоски: Владата ќе прифати минимална плата од 450 евра ако се усогласат работодавците и работниците
Владата ќе прифати минимална плата од 450 евра ако се усогласат работодавците и работниците, вели премиерот Мицкоски. Очекува следната година да имаме економија која оди напред…

Владата нема да се меша во преговорите меѓу синдикатите и работодавците, сè што ќе договорат ние ќе прифатиме, изјави премиерот Христијан Мицкоски по втората седница на Економско-социјалниот совет. Според него, во буџетот има пари за законското зголемување на минималната плата во март, а ако недостигаат пари, ќе има и ребаланс, но товарот на растот паѓа врз газдите.
Синдикатите не отстапуваат од барањето за раст на платите, вклучително и на минималецот на 450 евра. Работодавците велат, тешко ќе можат веднаш да исплаќаат повисоки плати.
Што се однесува до Фондот за ПИОМ, премиерот рече дека тој е стабилен, а Владата не размислува за зголемување на старосната граница за пензионирање.
Мицкоски најави и реформа при исплатата на социјалната помош, оти до сега имало злоупотреби, па и некои службеници ќе одговараат кривично.
Со буџетот за 2025 година, кој е во собраниска процедура, се предвидени пари за зголемување на платите и пензиите, велат од Владата. Според премиерот, сè што ќе договорат работодавците и работниците, Владата ќе прифати.
Во моментов, околу 35.000 работници земаат минимална или под минимална плата.
Борис Грујоски
