Охрид

Во сообраќајка повредени три лица од обезбедувањето на Гаши

06.12.2024 17:20

Во сообраќајна несреќа на магистралниот пат Охрид-Кичево во атарот на Општина Дебрца повредени се три лица кои биле дел од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој денеска престојуваше во Охрид. Тие се пренесени во специјалната болница „Свети Еразмо“ од каде што велат дека не се здобиле со тешки телесни повреди…

Сообраќајната незгода се случила во 10 часот и триесет минути на магистралниот пат Охрид – Кичево во близина на селото Ново Село, кога од патот излетало возило „Сеат алтеа“ во кое се наоѓале тројца полициски службеници од придружбата на Претседателот на македонскиот парламент, Африм Гаши.

Веднаш по несреќата тие се пренесени во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија при што не се констатирани тешки телесни повреди.

„По преземените мерки од страна на полициски службеници утврдено е дека возилото било управувано од 37 годишен полициски службеник од Скопје, а во возилото се наоѓале уште двајца полициски службеници. На местото на настанот им е укажана медицинска помош од страна на екипа на Итната медицинска помош од Охрид“, изјави Стефан Димоски-портпарол на СВР Охрид.

Веднаш по настанот Претседателот на Собранието Африм Гаши ги посети повредените полициски службеници.

„Ги видовме,се прават сите снимки и анализи. Од докторот и од директорот на болницата сме информирани дека нема некоја потешка повреда, но ќе ги задржат вечерва да не се случи нешто во меѓувреме. Но, според сите информации се е во ред со тројцата, јас ги видов сите тројца припадници на безбедност, во делот на обезбедувањето, сите се добри“, изјави Гаши.

Претседателот на Собранието притоа рече дека тоа е уште една порака до сите коишто работат на автопатот Охрид-Кичево, да се работи побрзо и поквалитетно, бидејќи во сегашниве услови сите граѓани кои патуваат се во опасност.

Сашо Нелоски