Повисоки плати за здравствените работници, најавени околу 1.000 вработувања до крајот на годината
Здравствените работници ќе добијат поголеми плати, поради специфичноста на работата се зголемуваат и коефициентите на сложеност. Потпишан анекс на Колективниот договор. Министерот Таравари најави – до крајот на годината вработување на околу 1.000 работници кои во здравствениот систем со години се со договор на дело …

Платите на фармацевтите вработени во здравството ќе се изедначат со личниот доход на лекарите. Повеќе пари на сметките ќе има и за докторите во итната помош, вработените на интензивното одделение на Детската клиника, за физичарите на Клиниката за радиотерапија и онкологија, како и за вработените на одделот на геронтолошка и палијативна нега. Покрај 10% покачување на платите – на овие медицински лица зголемени ќе им бидат коефициентите за сложеност, поради специфичноста на работа.
„Ова 4 проценти ќе значи дека на овие 2.450 денари ќе имаат плус околу 1.200 денари што работат во геријатрија и палијативна заштита, општ лекар би имал плус 1.700 денари. Тие 4 отсто за услови потешки од нормалните ги добиваат оние кои работат во геријатрија и палијатива“, вели Љубиша Каранфиловски – претседател на Независниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
„Се направи голем чекор, бидејќи здравствените работници беа на најдолно ниво по примањата во споредба со соседните држави“, нагласи Предраг Серафимовски – претседател на Синдикатот на клинички центар.
Ноемвриската плата вработените во здравството ќе ја земат покачена за 10 насто- синдикатите и Министерството за здравство ставија потпис на анексот на колективниот договор. Во зависност од коефициентот на пресметка зголемена ќе биде од 2.450 до 3.850 денари. Ново покачување на личниот доход од пет проценти ќе има во март следната година.
„Веќе имаме некаков мир кај здравствените работници, некаква усогласеност и од 90 до 95 посто од здравствените работници се задоволни од колективниот договор што денеска го потпишуваме со синдикатите во здравството“, нагласи министерот за здравство Арбен Таравари.
До крајот на годината здравствените власти најавуваат вработување на околу 1.000 работници кои во здравствениот систем со години работат со договор на дело.
Андријана Ѓурческа
