Малолетници со повреди завршија во болница поради предизвик на Тик-ток
17 деца со повреди примени во болница изминативе неколку дена. Опасниот Тик-ток предизвик „супермен“ – аларм за родителите и за училиштата. Експертите велат институциите брзо да реагираат. Министерката Јаневска со апел – средношколците наместо на Тик-ток натпревари, да се насочат со предизвици во образованието …

Тик-ток предизвик наречен „супермен“ ризичен за децата, но и тинејџерите. Завршуваат во болница со сериозни повреди. Најмладиот кој завршил со повреди има само осум години.
Родители со апел да се ограничи пристапот до интернет содржини и времето поминато на социјални мрежи, но и да се вратат игрите што ќе ги натераат младите да излезат надвор, наместо да живеат во виртуелен свет.
Овие таканаречени предизвици ни покажуваат дека грижата за менталното здравје кај учениците не е на задоволително ниво. Психологот Мирјана Јовановска – Стојановска апелира да се работи на подигнување критичко размислување, емпатијата и другарството.
Според комуникологот Кордалов, особено е важно што медиумите алармираат за овие чувствителни теми, за да се актуализираат и на брз начин се дознае кој е ризикот и како да се превенира.
Министерката за образование и наука Јаневска ги повика учениците, наместо да имаат Тик-ток предизвици, да се насочат кон натпреварување во образованието и науката.
Станува збор за предизвик во кој група деца со раце фрлаат едно дете во воздух и го оставаат да се удри од земја. Предизвикот го нарекуваат „супермен“, но може да има и фатални последици.
Миле А. Ристески
