Македонија

Бојкотот во „Лазо Ангеловски“ прекинат, ученикот ќе следи онлајн настава додека надлежните не го решат проблемот

06.12.2024 21:21

Денеска во училиштето бил присутен тим од Центарот за социјални работи за разрешување и следење на состојбата со актуелниот проблем со третоодделенецот којшто имал насилно поведение.

Бојкотот на наставата во основното училиште „Лазо Ангеловски“ е прекинат, а децата од вторник се враќаат во училишните клупи, одлучи Советот на родители. Донесена е одлука ученикот од трето одделение да учи онлајн до крајот на првото полугодие, додека надлежните ќе вршат соодветна проценка за заштита на детето и останатите деца во одделението.

Денеска во училиштето бил присутен тим од Центарот за социјални работи за разрешување и следење на состојбата со актуелниот проблем со третоодделенецот којшто имал насилно поведение.

Родителите бараа детето да не биде физички присутно во училиштето. Тие барања, со решението за онлајн настава, се прифатени.

Министерката за образование Јаневска побара на надлежните институции да им се дадат неколку дена за да го решат случајот со третоодделенецот, апелирајќи да не се продолжи со стигматизација на ученикот во јавноста.

Учениците од ова основно училиште во Општина Аеродром пред два дена почнаа со бојкот откако проблематичниот ученик, по неуспехот да се префрли во училиштето „11 Октомври“, каде што исто така имаше бојкот, беше вратен во матичното училиште.