Тетовчани немаат вода, но ќе плаќаат 50% повисоки сметки

25.07.2014 10:27

Од тетовски Комуналец велат дека повисоката цена е главниот услов за продолжување на проектот со КВБ банката, а долгорочното решение е доизградбата на, веќе, историскиот водовод...

Поскапе водата за пиење во Тетово. Наместо досегашните 10,66, од сега ќе се плаќа    16,12 денари за метар кубен вода. Поскапуваат и комуналиите за што до сега се плаќаше 43,88, а новата цена е 65,5 денари по лице. Така тетовци ќе добијат повисоки сметки за над 50%.

Некои од жителите со кои поразговаравме велат дека прво треба да се подобри квалитетот во снабдувањето со вода за пиење, бидејќи со недостиг се соочуваат со децении.

„Како ќе поскапува кога нема вода. Прво тоа треба да се реши, па после сметките. Преку жалби треба нешто да се пресмета, зошто вака не оди. Има категорија луѓе што едвај го преживуваат месецот“, велат жители на Тетово.

Од тетовското Комунално велат дека поскапувањето на водата за пиење бил последниот критериум за да се продолжи со втората фаза од проектот на КВБ банката. Со него до сега беа поставени над 5 илјади водомери за тетовци да плаќаат сметки по принципот – колку трошиш толку плаќаш.

„Тие побараат цената да биде 18 денари за кубик вода, но ние сега се одлучивме за 16 денари“, изјави Џељаљ Цека, Директор на ЈКП Тетово.

Одлуката за поскапувањето беше донесена на денешната седница на советот на општина Тетово по бурна расправа. Предлогот беше изгласан со 13 гласа за, што претставуваше мнозинство од присутните. На седницата не беа советниците од ВМРО- ДПМНЕ.

„Ние немаме таква најава. Сите советници се уредно поканети“, рече Хисен Џемаили – Претседател на Совет на општина Тетово.

Долгорочно решение за недостигот од вода за пиење е доизградбата на новиот зафат од водоводот за што се издвоени средства од државниот буџет за годинава.

 

Зоран Јованоски