Сирија

Сириските бунтовници освојуваат град по град, падна и Дара

07.12.2024 15:38

Сирија на Башар Ал-Асад се урива како кула од карти. Бунтовниците напредуваат и ги потиснуваат владините сили. Ја зазедоа и Дара, вкупно четврти град за само една недела. Напредуваат и кон Хомс. Либан и Јордан ги затвораат границите, Иран почна да евакуира високи официјални лица од Сирија...

Офанзивата на бунтовниците во Сирија се одвива со молскавична брзина. Откако го зазедоа јужниот град Дара, групите тврдат дека стигнале до северот на Хомс и напредуваат кон Дамаск за да го срушат режимот на претседателот Асад.

„Нашите сили го ослободија последното село на работ на Хомс и сега сме пред неговите порти“, изјави на Телеграм водечката бунтовничка група Хајат Тахрир ал-Шам, формирана од поранешниот огранок на Ал каеда. Шефовите на дипломатиите на Иран, Ирак и Сирија – тројцата блиски сојузници, на итни разговори во Багдад.

„Доколку Сирија се претвори во безбедно засолниште за терористите, враќањето на ИСИС и другите терористички групи ќе создаде огромна закана за регионот и таа закана дефинитивно нема да остане ограничена само на Сирија и ќе се прошири во соседите на Сирија како Ирак, Јордан и Турција“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

„Страните кои стојат зад овој терористички напад очигледно ги прекршуваат резолуциите поврзани на Обединетите нации и Советот за безбедност во борбата со тероризмот, како и договорите што беа усвоени во декларацијата од Астана. Овој терор не е само закана за безбедноста и стабилноста на Сирија, туку и за земјите во регионот“, изјави Басам Сабаг, министер за надворешни работи на Сирија.

Иран почна со евакуација на високите функционери од земјата, додека Либан и Јордан објавија дека ги затвораат границите. Израел, пак, ги зајакна воздушните и копнените сили внимателно следејќи ја ситуацијата. Во истовреме Курдите, поддржани од САД го држат под контрола источниот град Деир Ел Зор, истакнувајќи дека ги зазеле и позициите по должина на границата со Ирак, заменувајќи ги сириските владини сили.

„За да ги заштитиме овие региони, нашиот народ и да се справиме со сириското прашање на западниот дел на Еуфрат, ќе ги преземеме сите неопходни мерки и ќе направиме сè што треба да се направи“, изјави Мазлум Абди, врховен командант на сириските демократски сили.

Турција се надева дека сириските бунтовници ќе продолжат да напредуваат.

„Ние, ако се сеќавате, упативме апел до Асад: Рековме, да се сретнеме и заедно да ја одредиме иднината на Сирија. За жал, не добивме позитивен одговор од него“, изјави Реџеп Таип Ердоган • претседател на Турција.

Брзиот напредок на бунтовниците е поради повлекувањето на владините сили од Хама, кој според сирискиот министер за одбрана е тактичка мерка за да се заштитат цивилите. Сириските и руските авиони извршија напади врз неколку области во северозападниот дел на земјата по ненадејниот напредок на бунтовниците минатата недела.

 

Бојана Крстевски