Прилепскиот театар на Шекспировиот фестивал
На Битолскиот шекспиров фестивал, прилепскиот ансамбл вечерва се претставува со комедијата „Сонот на летната ноќ“. Според режисерот и актерската екипа на сцената ќе се долови љубовната приказна на познатиот шекспиров текст, но и писхолошките нијанси што го поврзуваат со современото живеење...

„Сонот на летната ноќ“ од Шекспир е втор предизвик на прилепскиот ансамблот да игра дело на големиот драмски автор, а прв за режисерката Нела Витошевиќ. Освен љубовната приказна, на сцена е ново, современо видување, но и проникнување во психолошките аспекти на познатиот шекспиров текст.
„За мене беше битно ова дело да го отворам од психолошки аспект, да не биде само љубовна комедија која ќе остане на едно плитко ниво како комедија, туку да пристапам психолошки во смисла да го истражувам оној дуализам на една човекова природа или една метаморфоза на човечка состојба“, вели режисерката Нела Витошевиќ.
Актерот Игор Ангелов, гостин од Драмски, ја чувствува поврзаноста со колегите на сцената, но и со новиот режисерски приод.
„Ова е ново читање, дефинитивно ново читање. Мислам дека и Нела, режисерката прави некоја отстапка во естетиката која ја воспостави. Веќе се прави некое придвижување. Тоа го чувствувам и јас“, вели актерот Игор Ангелов.
Сценографијата е на Костатин Трпеновски, костимите на Розе Трајчевска, а музиката на Огнен Анастасовски. Претставата носи и свој звучен дизајн.
„Имаме плус опрема во театарот за што сум благодарен, повеќе звучници овој пат. На публиката и правиме специјално доживување со еден звучен ѕид“, вели Томе Темелкоски, звучен дизајн.
Ова е втор Шекспир на прилепскиот ансамбл. Премиера на Сонот на летната ноќ е вечер во Битола, во рамките на фестивалот на Шекспир.
По фестивалската публика во Битола, Сонот на летната ноќ прилепската публика ќе го види со почетокот на сезоната во септември.
Елизабета Митреска
