Јужна Кореја

Во Јужна Кореја претседателско извинување, импичмент, протести

07.12.2024 13:32

Жалам и нема да ми се повтори – јужнокорејскиот претседател Јун Сук – Јеол и се извини на нацијата за обидот да воведе вонредна состојба. Вели, одлуката ја донел во очај. Во парламентот гласање за негов импичмент, на улиците масовни протести...

Пркосот на јужнокорејскиот народ по одлуката на претседателот да прогласи воена состојба со која се намалуваа тешко стекнатите слободи, беше клучен момент за пресврт на состојбата во Јужна Кореја. Илјадници демонстранти продолжија да чекорат по улиците на Сеул јасно демонстрирајќи ја волјата за одговорност по шокантната одлука на претседателот. Јужнокорејскиот претседател во кратко телевизиско обраќање се извини за предизвиканата вознемиреност. Рече дека нема да се противи на правната или политичката одговорност за прогласената воена состојба.

„Прогласувањето на вонредна состојба беше поттикнато од мојот очај како претседател. Сепак, ова предизвика вознемиреност и непријатност во јавноста. Навистина жалам и искрено им се извинувам на нашите граѓани“, изјави Јун Сук Јеол, претседател на јужна Кореја.

Во владејачката народна партија и покрај разединетите ставови за отповикувањето на актуелниот претседател, лидерот на партијата и премиерот договорија тесна соработка за стабилизирање на состојбата.

„Се договоривме дека треба да соработуваме за стабилизација на состојбата и за ублажување на вознемиреноста на граѓаните поради политичката неизвесност“, изјави Хан Донг-Хун, лидер на народна партија на моќ.

Лидерот на јужнокорејската опозиција, пак, ја доведе во прашање душевната состојба на претседателот јен Сук Јеол. За него, контроверзното наметнување на воената состојба е сигнал дека тој е способен да направи екстремни потези и за други витални прашања во државата.

„Поопасно од прогласувањето воена е душевната состојба на претседателот кој реши да направи нешто што никој не го разбира. Постои можност тој да направи и други тотално неразбирливи прашања поврзани со безбедноста, одбраната, економијата, надворешната политика“, изјави Ли Јае-Мјунг – лидер на демократската партија.

Неделава јужнокорејскиот претседател ја шокирање домашната и меѓународната јавност откако прогласи воена состојба во земјата. По притисокот од парламентарците и масовните протести тој ја повлече декларација.

 

Маја Стојанова