Тик-ток предизвикот „Супермен“ широко распространет низ училиштата, нови сведоштва за повредени ученици
Секојдневно се јавуваат нови сведоштва за повредени ученици од таканаречениот тик-ток предизвик „супермен“. Наставници предупредуваат дека вакви инциденти се регистрирани во повеќе училишта низ земјава. Работа отиде дотаму да се бара укинување на „Тик-ток“...

Моето дете ми призна дека го натерале да го направи тик-ток предизвикот „Супермен“. Од страв да не го исмеваат – прифатил и се здобил со повреди, сведочи мајка на ученикот Матео.
„Моето дете во вторникот скрши рака, другата тешко повредена, за среќа не е скршена. Дури вчера пред спиење ми призна дека го натерале да го прави предизвикот „Супермен“ и дека од страв да не го исмеваат прифатил. Страшно е ова што се случува во училиштата, страшно е што детето има страв да се врати во училиште“.
Децата се чиста страница која ние како општество ја испишуваме. Секој нивен избор и однесување е рефлексија на средината во која растат – предупредува одделенскиот наставник Татхат Шемоски. Според него, кога ученикот одбира да се впушти во опасност за лајкови и виртуелно признание, тоа укажува дека во животот му недостасува нешто реално – топлина, љубов, поддршка, во семејството, но и во образовната институција каде што посетува настава.
Сите 17 ученици кои амбулантски беа третирани на клиниката „Св. Наум Охридски“ се пуштени дома. Таму нема нови случаи, што се поврзува со фактот дека е викенд, а предизвикот се изведува во училиштата.
Во меѓувреме, ЛДП побара регулирање на социјалните мрежи за поголема онлајн заштита на децата, како и забрана за „Тик-ток“.
Александра Спировска
