Јужнокорејскиот претседател се извини за обидот да воведе воена состојба
Жалам и нема да ми се повтори – јужнокорејскиот претседател и се извини на нацијата за обидот да воведе воена состојба. Вели, одлуката ја донел во очај. Во парламентот немаше кворум за негов импичмент. На улиците, масовни протести...

Масовните протести и силниот притисок за отповикување на јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол не вродија со плод. Повеќемината пратеници од владејачка конзервативна партија го блокираа гласањето во парламентот и покрај повиците на опозицијата за суспендирање на должностите на претседателот.
„Единствениот начин да се реши сегашната криза е да се суспендираат должностите на Јун Сук Јеол. Носењето одлуки што се против волјата на нашите граѓани и против државниот интерес за приватна корист е еднакво на национално предавство“, изјави Парк Чан-Дае, лидер на опозициската демократска партија.
Неуспехот на импичментот најавува интензивирање на демонстрациите кои избувнаа непосредно по прогласувањето на воена состојба. Десетици илјади луѓе и денеска се собраа пред парламентот со повик до власта да го прифати барањето на опозицијата за отповикување на претседателот, но, протестот се покажа како залуден.
„Воена состојба беше смешен чин на тероризам против демократијата, а насилството врз пратениците и нивните вработени всушност беше насилство врз граѓаните. Оние кои се противат на импичмент на претседателот не се квалификувани да работат како јавни службеници кои примаат плата од даночни пари“, изјави демонстрантка.
„Како граѓанин на Република Кореја, денес навистина се срамам. Силно ја осудувам партијата за народна моќ која гласаше против. Ние ќе продолжиме да се бориме додека претседателот Јун Сук Јеол не биде отповикан“, изјави демонстрант.
„И во оваа ситуација, членовите на партијата на народната моќ размислуваат само за да ја одржат својата моќ“, додаде друг демонстрант.
Пред гласањето во парламентот, јужнокорејскиот претседател во кратко телевизиско обраќање се извини за предизвиканата вознемиреност. Рече дека нема да се противи на правната или политичката одговорност за прогласената воена состојба.
„Прогласувањето на вонредна состојба беше поттикнато од мојот очај како претседател. Сепак, ова предизвика вознемиреност и непријатност во јавноста. Навистина жалам и искрено им се извинувам на нашите граѓани“, изјави Јун Сук Јеол – претседател на јужна Кореја.
За отповикување на Јун во собранието беше потребна двотретинска поддршка. Опозициските партии кои го поднесоа барањето за импичмент имаа 192 пратеници, но само тројца народни избраници од власта учествуваа во гласањето.
Маја Стојанова
