Париз

Свечено отворање на катедралата „Нотр Дам“, Давкова поради проблеми со владиниот авион не замина во Париз

07.12.2024 20:36

На настанот пристигна целиот светски врв. Во време на глобални поделби и конфликти, средновековниот симбол на Париз е момент на обединување на кој присуствуваа над 50 шефови на држави и влади...

Париз вечерва во центарот на светот поради свеченото отворање на катедралата „Нотр Дам“. На настанот пристигна целиот светски врв. Во време на глобални поделби и конфликти, средновековниот симбол на Париз е момент на обединување на кој присуствуваа над 50 шефови на држави и влади. Меѓу нив новоизбраниот американски претседател Трамп и украинскиот претседател Зеленски, кои непосредно пред свеченоста, заедно со Макрон како домаќин имаа тристрани разговори. Украинскиот претседател Зеленски изјави дека средбата со Трамп и Макрон била „добра и продуктивна“.

„Сите сакаме оваа војна да заврши што е можно поскоро на фер начин. Разговаравме за нашиот народ, за ситуацијата на теренот и за праведен мир“, напиша Зеленски на „Икс“. Да продолжиме со заедничката акција за мир и безбедност, рече шефот на француската држава по средбата во Елисејската сала.

На свеченоста беше поканета и македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова, која не замина за Париз поради проблеми со владиниот авион.

Катедралата „Нотр Дам“ ги отвори вратите откако заврши реставрацијата по големиот пожар од пред пет години. Церемонијата, која започна во 19 часот, заврши.