туризам

Пензионерите го надополнуваат недостигот на кадар во Охридско-струшкиот регион

08.12.2024 15:21

Се поголем број пензионери во Охридско-струшкиот регион се вработуваат во туристичкиот сектор. Главните причини се потребата од дополнителни приходи но и недостигот на кадар во хотелско угостителскиот сектор...

Пензионерите го надополнуваат недостигот на кадар во хотелско-угостителскиот сектор. Се поголем дел од работоспособните пензионери на брегот на Охридското Езеро се вработуваат во хотелите и рестораните, најчесто како помошен персонал во кујна.

Потребата од дополнителни приходи е главната причина за пензионерите наместо да одмараат, пензионерските години ги минуваат на работните места.

Дополнителна причина за нивниот ангажман е и недостигот на кадар во туризмот.

„Има доста пензионери со големо искуство во сите гранки не само во туризмот којшто може да дадат огромен придонес нели во моментот во државата. Имаме ние вработени пензионери ќе отидат во пензија а се осеќаат млади“, вели Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.

„Тоа го имате и во земјите во Европска Унија а мое искуство е на пример Унгарија каде што во недостиг на работна сила се оди кон ангажирање на пензионерите. Може да се искористат тие кадри коишто се способни во одмината возраст“, вели професорот по туризам Науме Мариноски.

Граѓаните велат пензионерите се принудени да работат поради ниските примања.

„Тие што имаат мали пензии работаат иако примаат пензија дозволено е по законот. Сметам дека не е во ред тие што имаат натпросечни пензии да работаат. Затоа што има многу млади невработени а пензионери и пензија и плус работа не е во ред“.

„Работат што да прават мала пензија земаат мора да работат. Нема и работници избегаа се оттука“.

„Стандардот не дозволува голем луксуз за пензионерите и тие се принудени да работаат“.

Според проценките на ХОТАМ од 15 до 20% од пензионерите во хотелско туристичката индустрија продолжуваат со работа и во пензионерските години.
 

Соња Рилковска