Сирија

Бунтовниците влегоа во Дамаск и ја прогласија Сирија за слободна, Асад побегнал од земјата

08.12.2024 10:44

Сирискиот претседател Башар Ал Асад побегна од земјата откако бунтовничките групи успеаја да го освојат главниот град Дамаск и по 14 години граѓанска војна да стават крај на повеќедецениската династија во земјата. Вашингтон внимателно ја следи ситуацијата додека израелската војска распореди сили во тампон-зоната во окупираната Голанска Висорамнина...

Сирискиот претседател Башар Ал Асад побегна од земјата откако бунтовничките групи успеаја да го освојат главниот град Дамаск и по 14 години граѓанска војна да стават крај на повеќедецениската династија во земјата. Режимот на Асад е соборен! – на улиците веселби. Бунтовниците упаднаа и во канцеларијата на Асад.

„Дамаск е ослободен, а режимот на тиранот Башар Ал Асад соборен. Затворениците на режимот ослободени се од затворите. Да живее слободна Сирија“, изјавија бунтовници на државната телевизија.

Подготвени сме да соработуваме со секое раководство што народот ќе го избере и ќе обезбедиме непречена транзиција на власта – рече премиерот на земјата.

„Подготвени сме да соработуваме со секое раководство што ќе го избере народот, нудејќи ја сета можна поддршка за да се обезбеди непречена и систематска транзиција на функциите на владата, зачувувајќи ги државните капацитети. Не заминав и немам намера и ги повикувам сите граѓани да не наштетуваат на кој било јавен имот бидејќи, на крајот, тој им припаѓа ним“, изјави Мохамад Гази ал-Џалали, премиер на Сирија.

Водачот на главната вооружената опозиција во земјата објави соопштение во кое ги повика владините сили да ги напуштат државните институции неповредени.

„На сите воени сили во градот Дамаск строго им е забрането да се приближуваат до јавните институции, кои ќе останат под надзор на поранешниот премиер додека не бидат официјално предадени, а исто така е забрането истрелување куршуми во воздух“, напиша на телеграм Ахмед ал Шара, познат и како Абу Мохамад ал Џолани.

Вашингтон внимателно ја следи ситуацијата додека израелската војска распореди сили во тампон-зоната во окупираната Голанска Висорамнина.

„Примарниот фокус е на набљудувањето на движењата и интересите на Иран, секундарниот е на локалните фракции кои ја преземаат контролата врз областа, осигурувајќи се дека нема да преземат погрешни акции кон нас, во спротивно ќе следи силен одговор“, изјави Херзи Халеви, началник на Генералштабот на Израел.

Молскавичното напредување на бунтовниците донесе зачудувачки преуредувања на моќта во блискоисточната нација која долго време беше на раскрсницата на регионалната борба за моќ. И Иран и Русија беа поддржувачи на режимот на Асад и помогнаа да се задржи на власт за време на исцрпувачката граѓанска војна, што предизвика една од најголемите неодамнешни бегалски кризи во светот. Трамп коментира дека Путин го напуштил Асад.

 

 Бојана Крстевски