По пет години пауза, се огласија камбаните на Нотр Дам
По пет години пауза, повторно се огласија камбаните на Нотр Дам. Ремек делото од 12 век се издигна како феникс од пепелта по страотниот пожар. Реконструкцијата чинеше 700 милиони евра. На двочасовната богослужба присуствуваа околу 40 шефови на држави и влади, меѓу кои беа Трамп и Зеленски. Францускиот претседател Макрон се заблагодари за помошта...

Францускиот бисер – Нотр Дам повторно блесна во сиот свој сјај. Со симболично тропање на портата парискиот надбискупот ја отвори обновената катедрала која во 2019-та сериозно настрада во разорниот пожар. На свеченоста за повторното раѓање на готското ремек-дело од 12-от век на која присуствуваа десетици шефови да држави и влади, како и членови на кралски семејства одново беше нагласена улогата на Нотр Дам како важен духовен и културен споменик. Подготвени сме да им го вратиме обожаваниот Нотр Дам на католиците, на парижани, на светот, рече францускиот претседател Макрон во обраќањето.
„Оваа катедрала беше симбол за тоа што може да биде една нација и за тоа што треба да биде светот – братство на народ решен да направи големи избори, универзално братство за меѓусебно помагање“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
По грандиозното отворање пред илјада и 500-тините вип-гости, изутрината катедралата подготвена да ги прими верниците на првата миса по обновувањето. Ова е важен момент, не само за Франција, туку и за светот, велат одговорните за враќањето на Нотр Дам.
„Повторното отворање на катедралата е важен момент. Го чекавме долго. Ова е важно не само за католиците, за парижаните, важно е за Франција и за целиот свет“, изјави Оливие Рибадо Думас, ректор на Нотр Дам.
„Нотр Дам обединува. Има толку многу фактори на поделба, но овој настан сите ги обедини, ова мора да помогне за раст на хармонијата и мирот во светот“, изјави Филип Јост, одговорен за процесот на реновирање на Нотр Дам.
Отворањето на реновираниот Нотр Дам го направи градот на светлината центар на светот каде што се сретнаа политичката и бизнис елита, кралските семејства. Сепак, ѕвезда на вечерта беше американскиот претседател Трамп, а главен настан – трилатералната средба со домаќинот, францускиот претседател Макрон и нивниот украински колега Зеленски.
Маја Стојанова
