Одбележување

Охрид го чествува патронот на градот - Свети Климент Охридски

08.12.2024 13:03

Охрид денеска го чествува патронот на градот – Свети Климент Охридски. Голем број верници од градот и земјава денеска го посетуваат Светиклиментовиот храм на Плаошник при што ја изразуваат бескрајната почит кон првиот словенски епископ. Синоќа во предвечерјето на празникот на свечената академија највисоката општинска награда му беше врачена на проф. д-р Павле Митрески...

Овој ден е посебен за охриѓани, бидејќи го слават патронот на Охрид-Свети Климент Охридски, кој е првиот словенски епископ кој заедно со Свети наум го основал првиот словенски универзитет.

„Ова е најзначајниот празник за Охрид и го славиме нашиот заштитник на Охрид.“

„После 43 години служба на митрополитот Тимотеј оваа година богослужи епископот Климент и чиноначалствува со богослужбата. Голем ден за Охриѓани и за нашиот цел народ“.

„За охриѓани овој празник е стожер, надеж, верба во Бога и во иднината,бидејќи Свети Климент е една голема фигура“.

Свечена академија по повод големиот празник се одржа синоќа при што градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков говореше за значењето на Свети Климент, чиј дух според преданијата го чува градот од секакви зла. Во оваа пригода на проф. д-р Павле Митрески му беше врачена највисоката општинска награда-„Патрон на градот-Свети Климент Охридски“.

„И по повеќе од 11 века делото, мислите и поуките на нашиот светител имаат ист сјај кој ни го осветлува патот кон иднината. Свети Климент јасно и недвосмислено ни ја дава најважната поука и порака, тргај се од злото и прави добро што претставува наш македонски категорички императив“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

„Во сите мои документи многу имам пишувано за Охрид, се разбира и за струшко и охридско, да речам дека се документирани, не да речам туку сигурно документирани. И јас сум многу задоволен што мојот живот го завршувам, ќе го завршам кога, тогаш во едно време плодно“, изјави проф. д-р Павле Митрески, добитник на наградата Патрон на градот – Свети Климент Охридски.

Добитници на повелбите Свети Климент Охридски годинава се Клубот за подводни дејности „Охрид“ и Здружението „Културолошка иницијатива 5 до 12“.

 

Сашо Нелоски