Сирија

Падна Дамаск, Ал-Асад избега од Сирија

08.12.2024 14:49

По 14 години војна, бунтовниците влегоа во Дамаск, упаднаа и во канцеларијата на претседателот Башар ал-Асад, кој ја напушти Сирија. Илјадници луѓе се собраа во престолнината, славејќи и извикувајќи „слобода“. Премиерот Ал-Џалал е подготвен да соработува со новото раководство и да го олесни предавањето на власта. Последните настани ставаат точка на 24-годишното владеење на Асад, кој важеше за сојузник на Путин. Меѓународната заедница будно ги следи случувањата...

Сирискиот претседател Башар Ал Асад побегна од Дамаск. По 14 години граѓанска војна, бунтовничките групи успеаја да го срушат режимот на повеќедецениската династија и да упаднат во претседателската канцеларија. Веселбите по улиците продолжија.

„Сирија е за секого, без исклучоци! За друзите, сунитите, алавитите и сите секти. Ние нема да се однесуваме на начинот на кој семејството Асад се однесуваше со луѓето“, изјави Анас Салхади, командант на бунтовниците.

Вооружената опозиција ги повика владините сили да ги напуштат државните институции неповредени. Премиерот Ал-Џалали, кој остана во земјата, најави дека ќе соработува со секое раководство што народот ќе го избере.

„Подготвени сме да соработуваме со секое раководство што ќе го избере народот, нудејќи ја сета можна поддршка за да се обезбеди непречена и систематска транзиција на функциите на владата, зачувувајќи ги државните капацитети“, изјави Мохамад Гази ал-Џалали, премиер на Сирија.

Вашингтон внимателно ја следи ситуацијата. Најави дека ќе го продолжат военото присуство на истокот од земјата за да обезбедат траен пораз на ИСИС.

„Ќе продолжиме да ги преземаме неопходните мерки за одбрана на нашите сили и нашите партнери и да се спречи повторното заживување на ИСИС во источна Сирија“, изјави Даниел Б. Шапиро, американски заменик-помошник секретар за одбрана за Блискиот Исток.

Израелската војска распореди сили во тампон-зоната фокусирајќи се примарно на движењата и интересите на Иран додека Москва со голема загриженост ги следи настаните.

„Руската Федерација е во контакт со сите групи на сириската опозиција. Повикуваме на почитување на мислењата на сите етнички-конфесионални сили во сириското општество и ги поддржуваме напорите за воспоставување инклузивен политички процес заснован на едногласно усвоената Резолуција 2254 на Советот за безбедност на ОН“- стои во соопштението на руското МНР.

Трамп коментира дека Путин го напуштил Асад.

Молскавичното напредување на бунтовниците донесе зачудувачки преуредувања на моќта во блискоисточната нација која долго време беше на раскрсницата на регионалната борба за моќ. И Иран и Русија беа поддржувачи на режимот на Асад и помогнаа да се задржи на власт за време на исцрпувачката граѓанска војна, што предизвика една од најголемите неодамнешни бегалски кризи во светот. 

 

Бојана Крстевски