Уставен суд

Мицкоски: ДУИ многу добро знае дека в среда на седницата на Уставниот суд, нема да се случи ништо

08.12.2024 19:31

ДУИ со притисок до Уставниот суд да не се укинува службената употреба на албанскиот јазик, на седницата закажа на в среда. Тие денеска најавија дека ќе седат пред Судот и ден и ноќ додека не бидат исполнети нивните барања. За премиерот ова е една изолирана група од интегративците која прави хајка и политички маневри со етничките прашања...

Од вечерва па до 11-ти декември за кога е закажана седницата на Уставниот суд на која ќе се разгледува уставноста на Законот за употреба на јазиците, ДУИ и нејзините поддржувачи на стража пред оваа институција.

Велат дека ова е мирен протест преку кој порачуваат – судиите да не носат одлука од која ќе се срамат, затоа што Законот за јазиците е клучен сегмент на Охридскиот договор кој го отсликува мултиетничкиот карактер на земјава. Од друга страна велат дека оваа стража на јазикот не е притисок врз работата на уставните судии.

ДУИ многу добро знае дека в среда, на седницата на Уставниот суд, нема да се случи ништо, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Според него, целта на ДУИ е поделба по етничка основа и очекува и во иднина такви обиди од оваа партија.

Според него ова е изолирана група на поранешни високи владини функционери за кои постојат основани сомневања за сторен криминал.

Премиерот им порача на граѓаните да бидат спокојни бидејќи нема простор за дестабилизација. Седницата на Уставниот суд на чиј дневен ред се одредби од Законот за јазиците е закажана за в среда.

 

Марина Стојанова -Тонева