СИРИЈА

Илјадници раселени Сиријци се враќаат дома по падот на режимот на Асад

09.12.2024 09:15

Крај на една ера. Илјадници сиријци се враќаат дома по падот на режимот на Башар ал-Асад. Од сириската опозиција велат дека работат на формирање преодна влада со целосни извршни овластувања...

Крај на една ера. Илјадници сиријци се враќаат дома по падот на режимот на Башар ал-Асад. Од сириската опозиција велат дека работат на формирање преодна влада со целосни извршни овластувања. Водачот на најголемата сириска бунтовничка група ги повика своите борци да се вратат во воените бази.

„Се надевам дека секој што носи оружје ќе оди во неговата база и ќе се посвети на својата дивизија, баталјон или бригада. Воопшто нема да прифатиме или дозволиме оружје или да има пукање на улиците“, изјави Ахмед ал Шара, водач на Хајат Тахрир Шам.

Некои од групите кои го урнаа Асад имаат мрачна евиденција за тероризам и кршење на човековите права, изјави американскиот претседател Бајден. САД ќе ги поддржат соседите на Сирија доколку се појават закани за време на периодот на транзиција на власта, вели шефот на Белата Куќа.

„Падот на режимот е основен чин на правдата, тоа е историска можност за трпеливиот народ на Сирија, да изгради подобра иднина за својата горда земја. Тоа е исто така и момент на ризик и несигурност“, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.

Руски медиуми, повикувајќи се на извори од Кремљ, објавија дека Асад и неговото семејство пристигнале во Москва. Светските лидери едногласни, приоритет е законот и редот брзо да се вратат во Сирија. Европската унија е подготвена да помогне во обновата на Сирија, вели шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

„Сите верски заедници, сите етнички групи и малцинства мора да уживаат заштита. На сите Сиријци мора да им се даде можност да живеат во достоинство, по ова ќе ја оцениме идната сириска влада“, порача Олаф Шолц, канцелар на Германија.

„Добро е што Асад замина, тоа е многу добра работа за сирискиот народ. Мораме да обезбедиме отфрлање на тероризмот и насилството, а цивилите да бидат заштитени. Тоа е можно само преку политички процес. За тоа разговараме со сојузниците во регионот“, изјави Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.

Израелскиот премиер Нетанјаху тврди дека соборувањето на сирискиот претседател е директен резултат на нападите на Израел врз Иран и Хезболах, главните поддржувачи на режимот на Асад. Во меѓувреме, израелските сили ја зазедоа тампон зоната на Голанската висорамнина воспоставена со договорот за прекин на огнот со Сирија во 1974 година.

 

Маријана Димовска