Светските лидери едногласни, приоритет се законот и редот брзо да се вратат во Сирија
Илјадници Сиријци се враќаат дома по падот на режимот на Башар Ал-Асад. Светските лидери едногласни, приоритет е, законот и редот брзо да се вратат во земјата. САД ќе ги поддржат соседите на Сирија доколку се појават закани за време на периодот на транзиција на власта, вели шефот на Белата куќа, Џо Бајден. Руски медиуми објавија дека Асад и неговото семејство добиле азил во Москва...

Крај на една ера. Илјадници Сиријци се враќаат дома по падот на режимот на Башар ал-Асад. Во моментов се работи на формирање преодна влада со целосни извршни овластувања. Опозицискиот сојуз на бунтовници, предводен од групата Хаџат Тахрир ал-Шам, која претходно имаше врски со Ал Каеда побара борците да се вратат во воените бази.
„Се надевам дека секој оној што носи оружје ќе оди во неговата база и ќе се посвети на својата дивизија, баталјон или бригада. Воопшто нема да прифатиме или дозволиме оружје или да има пукање на улиците“, изјави Ахмед ал Шара, водач на Хајат Тахрир Шам.
Падот на Асад беше организиран од бунтовнички групи на север, курдските милитанти на североисток и ќелии на терористичката ИСИС. Според Вашингтон, некои од групите кои го урнаа Асад имаат мрачна евиденција за тероризам и кршење на човековите права. САД ќе ги поддржат соседите на Сирија доколку се појават закани за време на транзицијата на власта, вели шефот на Белата Куќа.
„Падот на режимот е основен чин на правдата, тоа е историска можност за трпеливиот народ на Сирија, да изгради подобра иднина за својата горда земја. Тоа е исто така, и момент на ризик и несигурност“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.
Од Иран велат дека Сириската армија не ја исполнила својата должност. Техеран изрази загриженост за можна граѓанска војна, распаѓање на Сирија и претворање на земјата во засолниште за терористите.
„Верувам дека нема да биде лесна задача за сириските милитантни групи да постигнат договор за тоа како да владеат со Сирија. Сакаме да доминира волјата на сирискиот народ, преку демократски процедури“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Руски медиуми објавија дека Асад и неговото семејство пристигнале во Москва и добиле азил од хуманитарни причини. Светските лидери едногласни, приоритет се законот и редот брзо да се вратат во Сирија.
„Го следиме развојот на настаните во Сирија со голема загриженост додека продолжуваат немирите во регионот. Ги повикуваме сите релевантни страни да го прекинат насилството, да го почитуваат меѓународното право и да преземат мерки за намалување на тензиите во регионот на Блискиот Исток“, изјави Ошимаса Хајаши, главен секретар на јапонскиот кабинет.
„На сите Сиријци мора да им се даде можност да живеат во достоинство, по ова ќе ја оцениме идната сириска влада“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.
„Мораме да обезбедиме отфрлање на тероризмот и насилството, а цивилите да бидат заштитени. Тоа е можно само преку политички процес. За тоа разговараме со сојузниците во регионот“, изјави Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство.
Тел Авив тврди дека соборувањето на сирискиот претседател е директен резултат на израелските напади врз Хезболах, главните поддржувачи на режимот на Асад. Во меѓувреме, израелските сили ја зазедоа тампон-зоната на Голанската висорамнина воспоставена со договорот за прекин на огнот со Сирија во 1974 година.
Маријана Димовска
