Туризам

Охрид празнично украсен ги чека туристите

09.12.2024 16:50

Главниот туристички центар, подготвен, во новогодишно руво да ги дочека илјадниците гости за празниците. На охридскиот плоштад ќе има и новогодишен базар. Од локалната најавуваат богата програма, но граѓаните велат истата треба порано да се објавува за привлекување на повеќе туристи...

Охрид блесна во новогодишно руво. Илјадници сијалички и светлечки реквизити го красат главниот туристички центар. По теркот на европските метрополи годинава на двата плоштади ќе има новогодишни базари за посетителите. Од локалната велат се организира масовен дочек на Новата година на градскиот плоштад, со богата музичка програма која ќе биде објавена деновиве.

На двата плоштади ќе бидат поставени унифицирани типизирани куќарки за продажба на храна и сувенири како и за продажба на новогодишни украси со што би се збогатила и онака богатата понуда на градот Охрид, каде што многубројните туристи ќе може да уживаат во Новогодишната атмосфера, вели Александар Попоски директор на ЈП Градски пазар Охрид.

Граѓаните велат потребно е порано да се подготвува и објавува Новогодишната програма за да се привлекуваат повеќе туристи.

Во секој случај треба навреме да се каже вака и вака ќе има прослава па да имаме и повеќе посетители.

„Нормално треба за да се запознае народот да се направи промоција за Охрид“, изјави анкетиран.

„Се согласувам со колегата што поголема промоција ќе имаме повеќе туристи“, изјави друг.

Од ХОТАМ велат годинава има голем интерес за новогодишните празници, најбројни традиционално ќе бидат гостите од соседството, особено од Србија каде туристичките агенции на големо го нудат Охрид за дочек на Новата година.

 

Соња Рилковска