Сирија

Асaд падна, Сиријците се враќаат дома

09.12.2024 16:42

Илјадници Сиријци се враќаат дома по падот на режимот на Башар Ал-Асад. Светските лидери повикуваат на ред и стабилност во Сирија. Израелците изразија загриженост за она што следува, Вашингтон вети поддршка доколку се појават закани за време на транзицијата на власта. Советот за безбедност на Обединетите нации свика итна седница. Руски медиуми објавија дека Асад и неговото семејство добиле азил од хуманитарни причини во Москва...

Сириските заедници во светот го слават падот на режимот на Башар ал Асад. Илјадници Сиријци решија да се вратат во татковината. Во текот на ноќта, во Дамаск регистрирани пукотници со огнено оружје иако Сојузот на бунтовници побара борците да се вратат во воените бази.

„Се надевам дека секој што носи оружје ќе оди во неговата база и ќе се посвети на својата дивизија, баталјон или бригада. Воопшто нема да прифатиме или дозволиме оружје или да има пукање на улиците“, изјави Ахмед ал Шара, водач на Хајат Тахрир Шам.

Советот за безбедност на Обединетите нации свика вонредна седница за ситуацијата во Сирија зад затворени врати додека светските и регионалните сили повикуваат на стабилност во блискоисточната земја. САД ќе ги поддржат соседите на Сирија доколку се појават закани за време на транзицијата на власта, вели шефот на Белата Куќа.

„Падот на режимот е основен чин на правдата, тоа е историска можност за трпеливиот народ на Сирија, да изгради подобра иднина за својата горда земја. Тоа е исто така и момент на ризик и несигурност“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Руски медиуми објавија дека Асад и неговото семејство пристигнале во Москва и добиле азил од хуманитарни причини. Техеран изрази загриженост за можна граѓанска војна, распаѓање на Сирија и претворање на земјата во засолниште за терористите.

„Верувам дека нема да биде лесна задача за сириските милитантни групи да постигнат договор за тоа како да владеат со Сирија. Сакаме да доминира волјата на сирискиот народ, преку демократски процедури“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Израелците го поздравија падот на Асад, истовремено изразувајќи загриженост за она што следува. Израел вели дека привремено ја зазеле тампон зоната на Голанската висорамнина и уништиле сомнителни локации за хемиско оружје и ракети со долг дострел.

„Единствениот интерес што го имаме е безбедноста на Израел и неговите граѓани. Затоа нападнавме системи за стратешко оружје со цел тие да не паднат во рацете на екстремистите“, изјави Гидеон Саар, министер за надворешни работи на Израел.

Тел Авив изведе стотици воздушни напади во Сирија во последниве години, напаѓајќи ги, како што тврдеа, воените локации поврзани со Иран и Хезболах. Во меѓувреме, катарските медиуми објавија дека Израел и Хамас напредуваат во договорот за прекин на огнот и во моментов разговараат за списоците на луѓето кои би биле ослободени.

 

Маријана Димовска