Анализа

Можни бегалци кон Европа по падот на Асад, предупредуваат домашните експерти по безбедност

09.12.2024 12:54

Внимателно да се следи ситуацијата во Сирија по падот на Асад, оти можно е да има нов бран бегалци кон Европа, предупредуваат домашните експерти по безбедност. Сметаат дека можни се две сценарија, луѓе од бегалски кампови да се вратат во Сирија, но и лица блиски до Асад да бараат засолниште надвор од земјата...

Падот на династијата Асад може да доведе до сериозни поместувања. Домашни безбедносни експерти предупредуваат на опасноста од нов мигрантски бран и повторно активирање на балканската рута што поминува и низ Македонија.

Клучно за падот на Асад беше прегрупирањето и промената на рамнотежата на силите на Блискиот исток, односно влијанието на земји како Русија, Турција, САД, Израел и Иран кои имаат свои интереси, објаснуваат експертите.

Неговото соборување од власт траеше со години, но последниот удар се случи со молскавична брзина. Новите власти најавуваат стабилизација на државата и ветуваат дека Сирија ќе застане на здрави нозе и ќе се демократизира. Но, сега опасноста е дека лица кои се блиски до Асад може да бараат засолниште во Турција, а оттаму и во Европа.

Експертите се согласни дека безбедносните служби во Македонија треба активно да ја следат ситуацијата во Сирија и навремено да преземат превентивни мерки од можен нов бегалски бран.

 

Ирина Гелевска