Могерини: Италија ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија
Македонија може да смета на натамошна активна поддршка од Италија за отпочнување на пристапните преговори...

Како земја претседавач со ЕУ во периодот јули - декември оваа година, Италија ќе продолжи да биде силен поборник за процесот на проширување на Унијата, нагласи италијанската шефица на дипломатијата, Федерика Могерини на денешната средба со министерот за надворешни работи Никола Попоски, со порака дека Македонија може да смета на натамошна активна поддршка од Италија за отпочнување на пристапните преговори.
Министерот Попоски ги поздрави искрените и континуирани заложби на Италијанската Република за внесување нова динамика во интегрирањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ, апелирајќи за зголемен ангажман и дополнителен импулс во однос на евро-интегративниот процес на Македонија во претстојниот период.
На средбата беа потврдени одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Италијанската Република кои се одраз на взаемна почит, пријателство и блиска соработка не само во меѓусебните релации, туку и на регионално и на мултилатерално ниво, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.
Покрај за политичките, министрите Попоски и Могерини разговараа и за можностите за продлабочување на економските односи и зголемување на трговската размена. Беше нагласена и важноста за продолжувањето на италијанската развојна соработка и проектна помош, во функција на поддршка на напорите на Владата на Република Македонија за натамошно унапредување на степенот на исполнување на европските стандарди во различни сегменти на општественото живеење.
За време на посетата беше потпишан и билатералниот договор меѓу Република Македонија и Република Италија за социјална сигурност.
