Обдукцијата треба да даде одговор за причината на смртта на трите лица во селото Црвени Брегови
Трите починати машки лица кои присуствувале на верски обред во времен објект во селото Црвени Брегови, решиле да преноќат во него, иако присутните им посочиле дека во просторијата се чувствува мирис на плин...

Обдукцијата која ја побара јавен обвинител од Кавадарци, треба да даде одговор за причините за смртта на трите лица, кои беа пронајдени починати во неделата попладне во селото Црвени Брегови-неготинско. Нивните мртви тела беа во импровизиран времен верски објект џамија, каде се извршувале верските обреди, со години наназад.
Докторот од итната помош од Неготино констатирал дека на починатите нема траги на насилство. Две лица од Битола и Ресен со години доаѓале во селото за да извршат верски обреди, мештаните ги именуваат оџи а нивните блиски, велат тоа се верници. При саботниот обред, присутните му посочиле на еден од проповедниците, дека во просторијата се чувствува мирис на гас и дека плинската боца пропушта.
Меѓу трите починати лица е и едно дете на 13-14 годишна возраст, кое било без родител, живеело во Кавадарци а дошло да присуствува на обредот, и останало да преспие иако можело да се врати дома.
Петар Печков
