Македонија

Централното претседателство на ДУИ и лидерите на Европскиот фронт на координативен состанок во Мала Речица

09.12.2024 17:08

ДУИ „стражари“ пред Уставниот суд во пресрет на седницата, закажана за в среда. Се собра Централното претседателство на партијата. Побара ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече иницијативата за Законот за употреба на јазиците. Според власта, интегративците прават драма – точно знаат како одлучува Уставниот суд, но прават обид да го прикријат криминалот. И лидерите на „Вреди“ имаа состанок …

Централното претседателство на ДУИ и лидерите на Европскиот фронт на координативен состанок во Мала Речица. Откако пред Уставниот суд ја започнаа стражата за јазикот, од ДУИ велат – ова е стража на разумот. Според интегративците, владејачките структури преку укинувањето одредби од Законот за употреба на јазиците сакаат да ги демонтираат столбовите на мултиетничка Македонија.

ДУИ 20 години бира судии и точно ги знае правните процедури и како одлучува Уставниот суд, но и покрај тоа одбраа да приредуваат политички циркус, за да го одвлечат вниманието од јавноста од тоа што 20 години ја крадеа државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Потенцираат, Владата нема да дозволи никаква опасност по мирот.

Коалицијата „Вреди“, пак, вели дека ДУИ го изгласа законот, иако Венецијанската комисија ја оспорила законитоста. Оттаму тврдат дека интегративците сакаат да креираат криза.

Премиерот Мицкоски рече дека целта на ДУИ е поделба по етничка основа за поединци да се спасат од криминалот.

 

Миле А. Ристески