рибарство

Годишен извештај на Европската комисија за поглавје во рибарството

10.12.2024 08:14

Бидејќи Северна Македонија има само внатрешен риболов во езера и други риболовни води, голем дел од правото на ЕУ за рибарство не е применлив. Беше постигнат напредок во усогласувањето со донесување нов Закон за рибарство и аквакултура годинава, стои во годишниот извештај на Европската комисија за поглавјето во оваа дејност …

Новиот Закон за рибарство и аквакултура е во голема мера усогласен со правото на ЕУ за пазарната политика, особено за ЕУ одредбите за стандарди, информации за потрошувачите, структурна поддршка и државна помош.

Меѓутоа, законот не е целосно усогласен со Европското право за аквакултура.

Комисијата вели дека не бил забележан напредок во решавањето на проблемот со недоволен кадар за креирање политики, контрола и меѓуинституционална координација.

Инспекциите и контролата остануваат недоволни за справување со нелегалниот риболов.

Плановите за следење на здравјето на рибите редовно се спроведуваат. Треба да се воспостават и планови за вршење на еколошките контроли во секторот аквакултура и да се посвети особено внимание за спречување нелегалниот риболов на заштитените видови и на охридската јагула.

Националниот годишен буџет е несоодветен за развој на аквакултурата, за зачувување на рибниот фонд и за работењето на инспекторите.

 

Методија Трајков