Се гради автоматски систем за наводнување на зеленилото во општина Аеродром
25.07.2014 13:02
На површина од 13 хектари ќе бидат поставени околу 1.500 прскалки, кои ќе црпат вода од бунарите за наводнување...

Почна изградбата на автоматски систем за полевање на зеленилото во населбата Јане Сандански. Станува збор за проект со кој јавното зеленило во овој дел од Општината поточно од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ до булевар „Србија“ ќе се наводнува со автоматски прскалки, кои ќе бидат штелувани да ја полеваат тревата во одредени периоди од денот.
На површина од 13 хектари ќе бидат поставени околу 1.500 прскалки, кои ќе црпат вода од бунарите за наводнување, така што ќе се користи исклучиво техничка вода. На тој начин ќе се штеди скапоцената вода за пиење, а тревата повеќе нема да се наводнува рачно со црева како до сега.
Со оваа инвестиција, како што рече градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, се очекува зеленилото да биде постојано свежо дури и во најтоплите денови.
Работите ќе ги изведува фирмата МГИ и се очекува овој проект да се реализира пред крајот на летната сезона.
